Денес, во градот Виница, припадници на 2. пешадиски баталјон од составот на 1. пешадиска бригада реализираа тактичко-технички збор во рамките на програмата за одбележување на 82 години од ослободувањето на Виница.
На тактичко-техничкиот збор граѓаните имаа можност непосредно да се запознаат со дел од вооружувањето, воената опрема и средствата со кои располага Армијата, како и со нивната намена и примена при извршувањето на редовните задачи. Посебен интерес за изложената опрема покажаа најмладите посетители, кои имаа можност да разговараат со припадниците на Армијата и поблиску да се запознаат со воената професија.
Ваквите настани претставуваат значајна можност за непосредна средба и зајакнување на врската меѓу Армијата и граѓаните. Тие овозможуваат подобро разбирање на мисијата, улогата и секојдневните активности на Армијата, како и на одговорноста, професионалноста и посветеноста на нејзините припадници во извршувањето на задачите за одбрана на државата и безбедноста на граѓаните.
Со учеството во одбележувањето на 82 години од ослободувањето на градот Виница, припадниците на Армијата дадоа свој придонес во одбележувањето на значаен историски датум за градот и во промовирањето на Армијата како институција која е секогаш блиску до граѓаните и во служба на државата.








