На ден 16 Февруари (Недела) по повод одбележувањето на 70 годинишнината од Февруарскиот поход во организација на Сојузот на борци од општина Прилеп се реализира традиционален рекреативен марш под мото „По врвиците на Февруарскиот поход“ на кој учествуваа војници и старешини од касарната „Мирче Ацев“ од Прилеп.
На маршот покрај припадниците на АРМ учествуваа планинари од планинарските друштва и граѓани од Прилеп, Битола, Кавадарци, Долнени и околните населени места, а истиот се изведуваше на маршрута која започна од музејот „11. Октомври“ во центарот на Прилеп преку с. Нов Присад, с. Стар Присад, с.Небрегово до крајната цел Манастирот Св. Атанасиј во с. Дреновци, долненско.
По пристигнувањето во с. Дреновци се одржа свеченост на која присуствуваа градоначалниците на општините Прилеп-Марјан Ристески, на Долнени-Боше Милошески и командантот на Гарнизон Прилеп полковник Жарко Ристески, а на присутните им се обрати претседателот на Сојузот на борци од општина Прилеп Благоја Чоноски, борец учесник во Февруарскиот поход во 1944 година.
За пријатната атмосфера на заедничкото дружење се погрижија припадниците на 3.логистичката чета од 2.логистики баталјон кои за сите учесници на манифестацијата приготвија и поделија топол чај и војнички ручек.
Со активно учество на ваквите традиционални манифестации припадниците на АРМ воедно искажуваат почит кон активностите кои имале воено и пошироко општествено значење во минатото.