На ден 25 јуни 2026 година, во рамки на програмските активности за одржување и унапредување на оперативните способности на единицата, припадниците на Хеликоптерскиот сквадрон од составот на Воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) реализираа обука за противпожарни дејства од воздух во близина на Средно Коњари, при што беше користена вода од реката Пчиња.
За време на активноста беше ангажиран хеликоптер Ми-8 МТ, при што екипажот изврши повеќе практични задачи поврзани со употребата на противпожарно ведро, вклучувајќи зафаќање вода од водна површина, прецизно исфрлање на зададени локации и изведување летачки маневри во услови што ги симулираат реалните предизвици при справување со пожари на отворен простор.
Обуката претставува важен сегмент од подготовките за летниот период и е насочена кон одржување на високо ниво на подготвеност, координација и ефикасност на летачкиот персонал при извршување задачи за поддршка на институциите задолжени за заштита и спасување.
Активноста беше реализирана согласно предвидените процедури и безбедносни стандарди, при што беа исполнети сите поставени цели за обука. Со ваквите активности, вВИНГ продолжува да ги зајакнува своите капацитети за брза и ефикасна реакција во ситуации кои бараат ангажирање на воздухопловни средства за заштита на населението и природните ресурси на државата.








