Денес во инженерискиот баталјон (инжб) се одржа свеченост по повод примопредавање на должноста командант на инжб. Должноста од досегашниот командант, полковник Арбен Јакупи ја прими потполковник Томе Пеев.
На свеченоста се обрати командантот на Командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски, кој во својот говор истакна дека единицата, како и Армијата се во процес на трансформација и дека следува процес на доопремување на инжб со нова механизација и опрема, со која инжб ќе може целосно да одговори на својата мисија.
Полковникот Арбен Јакупи истакна дека за време на неговото извршување на должноста командант на инжб има реализирано повеќе вежби и активности, посебно истакнувајќи ја вежбата „Национален одговор 2019“. Истакна дека инжб предводен од новиот командант, ќе го даде својот максимум како и досега во извршување на својата мисија.
Ново поставениот командант во својот говор се заблагодари на довербата која му е укажана и ги повика припадниците на инжб да продолжат да ги извршуваат задачите со исклучителен професионализам, посветеност, пожртвуваност и успешно да одговорат на поставените задачи и предизвиците кои следуваат.
БН/