Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) од составот на Бригадата за логистичка поддршка со воена свеченост која е во рамки на активностите за 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија, го одбележа 21-ви декември, Денот на единицата.
Командантот на брЛП, полковник Цветко Јаневски, честититајќи го денот на единицата, истакна дека да се има единица во составот на бригадата со ваква специфичност, каде од персоналот на овој центар покрај воената функција, произлегува и доминира хуманата компонента, претставува задоволство.
Потполковник Минева Ирена, командант на ВМЦ во своето обраќање пред присутните потенцираше дека военото здравство во овој случај претставено преку ВМЦ претставува неделив дел од секојдневието на една армија, чија мисија е зачувувањето и унапредувањето на здравјето на припадниците на АРМ, а со тоа и одржување на борбената готовност на АРМ.
По повод денот на единицата беа прочитани честитки , унапредувања, како и доделените стимулативни мерки за постигнатите резултати во работењето на дел од припадниците на ВМЦ. Исто така, на пензионираните припадници во текот на изминатата година во оваа прилика им беа врачени признанија.
На свеченоста покрај командантот на Здружената Оперативна Команда , бригаден генерал Зоран Милески, присуствуваа и командантите на командите и единиците на АРМ, претставници од ГШ на АРМ, пензионирани команданти и припадници на ВМЦ и други гости.
Со одлука на Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија за определување на ден на единиците на АРМ, за ден на ВМЦ е определен 21 декември, ден кога е извршена промоција и свечено отварање на ВМЦ како највисока медицинска установа во АРМ.