Во период од 10 февруари до 07 март 2025 година во Одделот за медицинска обука (ОМО) при Военомедицинскиот центар, се реализираше „Основен и напреден курс за животоспасувачи“.
Учество на курсот зедоа припадници на повеќе единици од Армијата на Република Северна Македонија. Слушателите на курсот теоретски и практично совладуваа знаења и вештини при животоспасување во случај на медицинска итност, ургентен третман на повредени и заболени, тријажa, евакуација и брз транспорт до соодветна медицинска установа.
Стекнатите индивидуални способности, како и тимските капацитети за предболничко згрижување на повредени и заболени, слушателите ги презентираа на завршната вежба изведена пред претставниците од Армијата, кои воедно имаа свое обраќање при завршната церемонија. На слушателите, кои успешно го совладаа курсот, им се доделија сертификати. Стекнатите знаења, вештини и техники се значајни за учесниците на полето на професионално усовршување во рамките на нивната поставеност во единиците, а воедно се потребни и при упатување во меѓународните операции.