Од 11.03.2019 година во организација на баталјонот за Специјални Намени од пСО започна Курс за блиска борба во урбана средина за специјални сили, еден сегмент од покомплексните специјални операции кои се изведуваат при урбано војување.
Стекнувањето знаења и вештини за блиска борба во урбана средина, развивањето на ситуационата свест кај припадниците, правилното и безбедно ракување со вооружувањето, развивањето на индивидуална и тимска дисциплина, како и развивањето на самодоверба при извршување на гаѓања во затворен простор и правење на дискриминација помеѓу целите за одбегнување на колатерална штета, се само некои од целите на курсот. Учесниците ќе се усовршат во спецификите на боевото гаѓање во урбана средина во дневни и ноќни услови, користење на различни техники на гаѓање како статични гаѓања, гаѓање во движење, движење со гаѓање во затворена просторија, и со карактеристиките на изведување на борбени задачи во урбана средина, што ќе биде крунисано со вежба со боева муниција во т.н. „Куќа за гаѓање“. Комплексноста и тежината на курсот бара врвна психо-физичка подготвеност и вистински професионалци за успешно завршување на 32-дневната обука.
Трендот на урбаното војување и држењето чекор со современите армии во светот не само што налагаат подготвеност за извршување на задачи во урбани средини, туку бараат секогаш и секаде да се биде прв и да се покаже супериорност.