Во спомен на загинатите припадници од резервниот состав на Армијата, кај месноста Љуботенски бачила, делегациja од Армијата и Министерството за одбрана положи свежо цвеќе на спомен-обележјата на загинатите бранители.
По повод 23-годишнината од загинувањето на осумтемина припадници од резервниот состав на Армијата, делегација од Генералштабот и Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во чиј состав беше и државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, положи венци со свежо цвеќе на спомен-плочата на загинатите припадници на безбедносните сили во с.Љубанци, Волково и во касарната „Илинден“.
Делегацијата на Генералштабот на Армијата и МО положи венец свежо цвеќе и пред спомен-обележјето на бранителот Томислав Настевски, во Општината Ѓорче Петров.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на Армијата, на патот кај месноста Љуботенски бачила, при активирање на мина животот го загубија: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.