Делегација на Армијата на Република Северна Македонија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, учествуваше на свеченоста по повод одбележувањето на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Со положување венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето на Партизанските гробишта во Бутел во Скопје, делегацијата на Армијата ја изрази јасната определба кон зачувување на антифашистичкото минато, почитта кон македонските борци кои ги дадоа своите животи за татковината во НОБ и јасната и цврста определба за европска иднина на државата.
На одбележувањето присуствуваа и делегации од Владата на Република Северна Македонија, меѓу кои министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерот за правда Игор Филков. Почит оддадоа и делегации од Кабинетот на претседателката и врховен командант на Армијата, од Собранието, Сојузот на борците на Народноослободителната антифашистичка војна, дипломатскиот кор и други организации.
Деветти мај е симболичен датум што го одбележува крајот на Втората светска војна, кога во 1945 година е потпишана безусловната капитулација на нацистичка Германија. Истовремено, овој ден е и потсетник на визијата за обединета Европа, претставена преку Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, која го означи почетокот на процесот за создавање на Европската унија.