Вчера вечер, Воениот оркестар на АРМ со едночасовен перформанс се претстави пред граѓаните на Гостивар. Во рамките на програмата, на која присуствуваа командантот на 1. механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Павле Арсоски, како и претставници од советот на општината и кабинетот на градоначалникот на Гостивар, на градскиот плоштад, Воениот оркестар изведе светски познати нумери кои беа оркестарски обработени. Покрај настапот на оркестарот, припадниците на баталјонот за почести ја изведоа точката „ЕГЗИРЦИР“, со која ја покажаа нивната висока извежбаност во работата со пушка и строеви постапки.
Со вчерашниот концерт, кој беше во соработка со локалната самоуправа, продолжи реализирањето на проектот „Армијата поблиску до граѓаните“.
Целта на проектот е армијата да се доближи до граѓаните низ дружење и преку презентирање на подготвеноста и вештините на армијата.
Ова е прв концерт на Воениот оркестар на АРМ во Гостивар. Проектот започна минатиот месец со настапи на оркестарот и припадници од гардиската чета од баталјонот за почести во Македонски Брод и Делчево, а до крајот на годината, вакви концерти и презентации ќе се одржуваат во повеќе градови во републиката.