Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес, оствари средба со новоназначеното одбранбено аташе на САД за Република Северна Македонија, полковник Ден Сквајарс.
Во рамки на денешната средба, генералот Ѓурчиновски упати честитки до полковник Ден Сквајарс и му посака успех во извршување на оваа должност за време на неговиот работен ангажман. Исто така беше изразено уверување за продолжување на континуираната меѓуармиска соработка помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Вооружените сили на САД, кои се наш стратешки партнер и сојузник. Меѓуармиската соработка особено се реализира преку заеднички вежбовни активности, во полето на образованието каде припадниците на Армијата се школуваат на воените школи во САД, како и поддршката за развој на капацитетите.
Во текот на денешниот ден началникот на Генералштабот, оствари средба и со одбранбеното аташе на Обединетото Кралство, потполковник Џон Едвард Грин, на која се разговараше за заедничките активности во доменот на обуката и вежбите, како и за можностите за развој на понатамошната билатерална соработка.