Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин учествуваше и се обрати на свечената церемонија по повод одбележувањето на дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола, активност која традиционално се спроведува како дел од воената соработка со Вооружените сили (ВС) на Република Туркије.
На свечената церемонија во музејот во Битола, каде се наоѓа спомен-собата на Кемал Ататурк, генералот Нуредин во своето обраќање истакна дека оваа година на прославата на овој чин и претходеше, за жал, голема трагедија предизвикана од катастрофалниот земјотрес кој ги погоди Кахраманмараш и уште 10 други провинции.
„Она што најмалку можеше да се направи во тие тешки моменти е да се подаде рака. По тоа и се познаваат пријателите, ги испративме најдобрите, најобучените и најподготвените од нашата Армија за справување со таква ситуација. Ова пријателство не е само формално, туку отсекогаш било взаемно и искрено“, истакна генералот Нуредин.
Притоа тој се осврна на стратешкото партнерство и соработка која ја имаме со ВС на Република Туркије, кое се реализира преку учество на наши припадници во воено образовните институции во Туркије, поддршка во обуката, придонесот за развојот и модернизацијата на нашата Армија, како и заедничкото учество во мировните операции. сето ова ги отсликува искрените пријателски односи, без отворени прашања, со долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план, кое во континуитет го одржуваат нашите држави.
На свечената церемонија, се обратија и амбасадорот на Република Туркије во Република Северна Македонија Н.Е. Хасан Мехмет Секизќок и военото аташе на на Република Туркије во Република Северна Македонија, полковник Серкан Чакир, кои се заблагодарија на поддршката која безрезерно ја даде нашата Армија со тимовите за пребарување и спасување, како и за организацијата на оваа активност по повод одбележувањето на дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола, како настан кој ги спојува двете пријателски земји.
На активноста присуствуваа и заменикот на министерот на одбрана Тирон Јајага, претставници од МО и единиците на Армијата, градоначалникот на општина Битола и претставници од локалната самоуправа.