Во пресрет на 8 март, меѓународниот ден на жената, во Домот на Армијата во Скопје се одржа традиционален собир со припадничките од понежниот пол вработени во министерството за одбрана и Армијата.
На собирот со припадничките на понежниот пол од Министерството за одбрана, Генералштабот и други потчинети команди и единици од страна на Претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски им беше одадено признание за нивната улога во одбраната.
Притоа на сите припаднички од Армијата честитајќи го меѓународниот ден на жената тие им искажаа признание за професионализмот и посветеноста во извршување на задачите и за постигнатите успеси во одбранбениот процес во Армијата и одбраната во целина.
Од страна на генералот Ѓурчиновски на министерката Петровска и се додели голема плакета на Армијата во знак на досегашната нејзина поддршка но и на севкупниот персонал од женскиот пол во поддршка на активностите на Армијата.
По повод меѓународниот ден на жената и во останатите команди и единици на Армијата на симболичен начин им се одаде признание на сите припаднички од женскиот пол за нивната улога во извршување на работните задачи.
Во Армијата процентот на застапеноста на женскиот персонал е во континуиран нагорен тренд и во моментот изнесува 10,65 отсто од кои во униформираниот дел се 9,32 проценти (офицери се 18,92 отсто, подофицери 12,29 отсто, војници 6,06 отсто) додека жени цивили има 29,00 отсто.
Бројот на жени-офицери на командни и раководни должности (началници, команданти и командири) во рамките на Армијата изнесува 88 односно 8,56% од вкупниот број на жени во Армијата.
Со највисокиот офицерски чин полковник во Армијата имаме 7 припаднички, додека 44 потполковнички. Од 2019 година на должноста аѓутант на претседателот на Република Северна Македонија е поставена жена, а од 2023 година и началник на секција во Генералштабот.
Во Република Северна Македонија за прв пат во 2020 година, се интегрираше родовата компонента во Законот за одбрана и во Законот за служба. Воедно принципот на еднакви можности за мажите и за жените се инкорпорираше и во подзаконските акти и стратешките документи во Министерството и Армијата.