Припадниците на баталјонот за специјални намени денес во касарната „Илинден“ во Скопје, со постројување и воена церемонија го одбележаа 1 март, датум на кој во 1994 година за прв пат во нашата Армија беше формирана единица за специјални намени под името „Волци“.
На денешното одбележување присуствуваше и пред стројот се обрати Заменик на Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин кој го истакна историското значење на овој ден за оваа единица, како и нејзиниот придонес во изградба на модерниот систем на обука и градење на капацитети за борба против современите закани. „Особено ме радува фактот што и во структурата на баталјонот после 26 години е застапена мултикултурната и мултиетничката разноликост кои се одлики на нашата држава, истите одлики се едни од клучните обележја кои НАТО членките ги поседуваат и не преставуваат пречка за стандардизирано и хармонизирано функционирање како и напредување кон остварувањето на поставените цели“, рече генералот во своето обраќање.
Во текот на своето постоење во ноември 2006 година беше извршено преструктуирање на специјалните единици кога е формиран полк за Специјални Операции во чиј состав влегоа баталјонот за специјални намени и ренџерскиот баталјон, кои во понатамошниот период согласно Стратегискиот Одбранбен преглед од 2018 и актот за формација на Армијата според динамиката на трансформација како самостојни баталјони ќе влезат во состав на Командата за Операции.