Со изведба на показна вежба пред министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнз, денес во касарната Илинден се одбележа завршување на заедничката обука со специјалните сили на САД.
Од страна на припадниците на баталјонот за специјални намени и ренџерскиот баталјон се покажа нивото на обученост при изведување на дејствија во кои се вклучени специјални сили.
Заедничката обука со морнаричките специјални сили на САД како дел од програмата „JCET“ се изведуваше во изминатите шест недели во касарната „Илинден“, на стрелиштето „Стенковец“ и на армискиот полигон „Криволак“.
На крајот од активноста од страна на министерката Петровска и амбасадорката Брнз се дадоа изјави во врска со актуелните случувања во Украина при што министерката Петровска изјави: „Остро ја осудуваме воената агресија на Русија врз Украина и стоиме единствени со сојузниците во НАТО во повикот кон Русија да прекине со воените дејствија кои се закана за безбедноста на Европа“ и дека безбедноста на нашата земја како членка на НАТО е загарантирана.
Амбасадорката на САД, Кејт Брнз која присуствуваше на церемонијата порача дека денешните настани покажаа зошто вештините кои заеднички ги развиваме се важни за Европа, како и дека и овие заедники активности се уште еден доказ за определбата заедно да ги развиваме способностите и интероперабилноста во Алијансата и дека сојузништвото е пред сè и над сè.