Во пресрет на вежбата „REGEX 19“, во период од 8 до 12.10.2019 година, во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес започна обука на клучниот персонал на наведената вежба. Тежиштето на оваа активност ќе биде насочено кон обука на персоналот за настани со кои ќе се сретнат во текот на изведување на вежбата, а пред се обуки од доменот на безбедноста, планирање на вежби, логистика, цивилно воена соработка, медиа тренинг и родова безбедност.
Исто така, во процесот на подготовка за реализација на вежбата ќе се изврши детално запознавање со структурата на мултинационалната бригада, оперативниот план и оперативната наредба за ангажирање на единицата.
Обуката на клучниот персонал на вежбата е последна во низата на работилници со која се врши подготовка за вежбата „REGEX 19“, а која ќе се реализира во период од 14 до 18.10.2019 година во Центарот за симулации во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес.
Целта на вежбата „REGEX 19“ е оспособување и извежбување на штабниот персонал за работа во мултинационална средина при планирање и водење на мировни операции предводени од НАТО.
Оваа вежба е прва од ваков тип која се реализира во нашата држава. Присуство на вежбата покрај припадниците на Армијата на Република Северна Македонија досега најавија и претставници од 18 држави од кои 3 земји членки на НАТО.
С/Г С/Д