Да се биде пилот на Армијата на Република Северна Македонија е привилегија која не секој може да ја има, но и значајно достигнување во кариерата на припадниците на воздухопловниот ВИНГ, кои се препознаени со своите активности особено во ангажирањата во помош на граѓаните и институциите при природни непогоди.
Традиционално по повод завршување на активната воена кариера на пилотите на воените воздухоплови во воздухопловниот ВИНГ се организира почесен лет со хеликоптер Ми-8/17, со кој овојпат пилотираше полковник Стојко Пејовски, кој воедно е и досегашен командант на оваа единица.
Со ваков чин симболично се претставува и благодарноста од припадниците на Армијата, особено од колегите од единицата за вложениот труд, залагањата и несебичниот придонес во службата и командувањето со воздухопловниот ВИНГ.
Почетоците на војничката кариера на полковник Стојко Пејовски датираат од далечната 1981 година кога се запишува во средното воено воздухопловно училиште во Мостар, по чие завршување продолжува на Воздухопловната Воена Академија во тогашната Армија, во Задар, каде дипломира во 1989 година. Од започнувањето на својата служба во Армијата на Северна Република Македонија од самиот нејзин почеток, извршува повеќе командирски и штабни функции во единицата.
Исклучително богатата воена кариера која завршува како командант на воздухопловниот ВИНГ континуирано ја надоградува со голем број на курсеви во областа на авијацијата, и военото воздухопловство, успешно совладувајќи ги сите предвидени обуки по категории на воздухоплови.
Неговата 33 годишна кариера како пилот најнапред ја започнува како пилот на едрилици, авиони а потоа професионално и на хеликоптери, со впишување во својата летачка книшка на 2700 часа налет во едрилица Бланик Л-13, авион Утва-75, и хеликоптерите Газела, Ми-24, Ми-8/17.
По завршувањето на активната воена кариера и оставање на својот белег во развојот на Армијата пилотските должности ќе може да ги замени со посветување на своето семејство, но и понатаму во тесна врска со армиските случувања особено што еден од двајцата синови, Стефан продолжува по неговите стапки и служи како офицер на Армијата на Република Северна Македонија.