Втора година по ред на подофицер на Армијата на Република Северна Македонија се додели признание за трет најдобро рангиран слушател на Високата подофицерска школа во Република Хрватска.
Денес, од страна на државниот секретар во Министерството за одбрана на Хрватска, г-дин Здравко Јакоб, се додели бронзен медал на главен наредник Веле Ристовски, кој беше упатен на школување во високата подофицерска школа во Република Хрватска „Драган Томјановиќ-Гавран“ во академската 2020/2021 година, како слушател на 19тата класа на оваа воена школа за подофицери.
Претходната година и наредникот Сашка Кнежевиќ која ја заврши 18тата класа, исто така беше одликувана со бронзен медал како трет најдобро рангиран слушател на оваа воена образовна институција на која покрај подофицери од Хрватска се школуваат и претставници од неколку други армии што ја докажува посветеноста, но и претходното ниво на професионална подготвеност на нашите подофицери кои по завршување на школувањето се стекнуваат со потребната подготовка за извршување на највисоките подофицерски должности во Армијата.
Наредниците Веле Ристовски, кој извршува должност главен подофицер во баталјонот за почести и Сашка Кнежевиќ, која исто така е главен подофицер во Логистичката база, ги имплементираат стекнатите знаења согласно сите НАТО стандарди во своите единици како лидери и учители на професионалните војници во процесот на обуката.
Веле Ристовски, кој е во состав на Армијата од 1993 година, претходно има извршувано должности како главен подофицер во Командата за обука и доктрини, како и претходни штабни должности на ниво на баталјон и бригада, а има учествувано и во мировна операција ИСАФ во Авганистан.
Наредник Сашка Кнежевиќ е во Армијата од 2004 година, а претходно има поминато должности во 3.механизиран пешадиски баталјон, бригадата за логистичка поддршка, а на двапати има учествувано во мировна операција ИСАФ во Кабул, Авганистан.