Во генералштабот се одржа несекојдневна средба на која три генерации на офицерската фамилија Миклош; Јаким, Ненад и Бојан, беа примени од страна на началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, на која им се оддаде признание за сето она што ова семејство го вложува во армијата во различни периоди од своето постоење.
Најмладиот старешина член на ова семејство од Велес, Бојан Миклош, кој беше најдобриот питомец во својата 18-та класа со просек 9,91, ја отпочна својата кариера како потпоручник во текот на минатата година и допрва ќе го покаже својот потенцијал како НАТО старешина и како што и самиот има истакнато на својата промоција ќе се носи смело и одговорно со своите војнички предизвици.
Полковник Ненад Миклош, кој во редовите на армијата е од своето формирање и во моментот извршува должност во генералштабот може целосно да се гордее со Бојан, но секако највозрасниот член на фамилијата Миклош, Јаким кој подолг период е во пензија како мајор во санитетската служба сигурно чувствува најголема гордост што неговото потомство продолжува по неговите стапки.
Армијата со достоинство ќе продолжи да ги претставува и да ги поттикнува сите млади офицери, подофицери и војници кои одлучиле да ја продолжат традицијата на своите родители и даваат придонес во армиските редови работејќи во служба на татковината.
31.05.2019