Во дводневна официјална посета на Република Македонија и Армијата на Република Македонија престојува началникот на ГШ на Вооружените сили (ВС) на Чешката Република генерал Јозеф Бечвар.
Делегацијата на ВС на Чешката Република придружувана од амбасадорот на Чешката Република во Република Македонија Н.Е Мирослав Рамеш беше пречекана со високи воени почести од страна на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски.
За време на престојот во ГШ на АРМ , генералот Бечвар оствари средба со Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и официјални разговори на кој присуствуваше и клучниот персонал од ГШ на АРМ.
На средбата и официјалните разговори се презентираа мисијата на АРМ, учеството во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, активностите кои ги остваруваме во меѓусебната воена соработка како и можноста за користење на капацитетите со кои располагаат армиите на двете земји.
Помеѓу останатото посебно беше разговарано за понудата за вклучување на АРМ во чешкиот проект за паметна одбрана во логистичкото обезбедување „Мултинационален Логистички Координативен Центар“ и заедничко учество на претстојната воена вежба „Способен логистичар 2019“.
Началникот на ГШ на ВС на Чешката Република, во текот на престојот во Република Македонија ќе биде примен и од Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на ВС н.е д-р Ѓорге Иванов.
Во текот на утрешниот ден делегацијата ќе ги посети Армискиот Полигон „Криволак“ и караулата Богородица на македонско-грчката граница, каде ќе се одржи заеднички брифинг со припадниците на полициските сили на Чешката Република ангажирани во справувањето со мигрантската криза.
Интензивираните средби на највисоко армиско ниво со армиите на земјите членки на НАТО кои изминатиот период остваруваат посети на АРМ се признание за активностите кои АРМ ги реализира во исполнувањето на обврските во однос на достигнатите стандарди во обученоста и интероперабилноста со армиите на земјите членки на НАТО, како и за успешното справување со предизвиците од мигрантската криза.
АРМ ја демонстрира интероперабилноста при изведување на заедничките активности на меѓународни вежби, како што е ангажирањето во моментот најголемата воена вежба на НАТО „Анаконда 2016“, каде што учествуваме со респектабилна бројка од 157 припадници на АРМ, како и во мировните мисии каде учествуваме со 43 припадници на АРМ.