Пред споменикот на загинатите припадници на баталјонот за Специјални Намени „ВОЛЦИ“ кои го изгубија животот на 28 април 2001 година во Вејце, во касарната „Илинден“ на 25.04.2019 година беше одржан помен во нивна чест.
Пред споменикот на загинатите: постар водник Роберт Петковски, водник Бобан Трајковски, водник Миле Јаневски и водник Игор Костевски букет со свежо цвеќе положија делегации на семејствата на загинатите, припадници од баталјонот, полкот за Специјални Операции, Генералштабот, Здружената Оперативна Команда, поранешни припадници на баталјонот за Специјални Намени, Единицата за Брзо Распоредување „Тигар“, единици кои се лоцирани во касарната „Илинден“ и други.
Чествувањето на хероите традиционално започна претходните денови со показни вежби и ревијален спортски натпревар во мал фудбал во Македонска Каменица како и полагање на свежо цвеќе пред споменикот во средното општинско училиште кое го носи името на еден од хероите Миле Јаневски-Џингар.
Како дел од одбележувањето на поменот во касарната „Илинден“ се реализираше и доброволно дарување на крв каде беа собрани 56 крвни единици.
Во своето обраќање командантот на баталјонот за Специјални Намени изнесе дека Миле, Роберт, Игор и Бобан се нашиот мит, нашата гордост и дека единицата не би била тоа што е денес да не беше нивната жртва. Затоа спомените на нашите херои ќе останат вечно во нашите срца.