Денес, 18 Октомври 2013 година, заврши самооценувањето Ниво-2 на Средната пешадиска баталјонска група (СПБГ) и НАТО оценувањето Ниво-1 на Лесната маневарска болница (ЛМБ), согласно Концептот за оперативни способности на НАТО, кое неделава се одвиваше во рамките на вежбата „Македонски Блесок-9“ на Армискиот полигон „Криволак“ и Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“.
Согласно планот и сценариото за реализација на вежбата, СПБГ во текот на оценувањето ги реализираше следните активности: ескортирање на хуманитарен конвој со реакција на импровизирана експлозивна направа, воспоставување на набљудувачница, обезбедување на база со контрола на толпа и преговори, патролирање и воспоставување на привремена контролна точка, кордон и пребарување, патрола со реакција на импровизирана експлозивна направа, постапка во случај на пешадиски и артилериски напад на база и MEDEVAC како и изведување на офанзивни операции.
Лесната Маневарска болница (ЛМБ) се оценуваше во примената на стандардните оперативни процедури за укажување на прва помош, прием, тријажа, хируршки третман и стабилизирање на пациенти на бојното поле.
Денес, пред завршувањето на „Македонски Блесок-9“, согласно Концептот за оперативни способности се одржа брифинг на кој од страна на оценувачкиот тим на двете единици им беше соопштена првичната оценка. На брифингот од страна на директорот на оценувачкиот тим, на командантите на декларираните единици (СПБГ и ЛМБ) во усмена форма им е соопштено дека двете единици добија позитивна оценка за извршување на мисија, самостојно или во состав на повисока единица, надвор од територијата на Република Македонија. Деталната оценка која ќе ги содржи сите параметри според Концептот за оценување, ќе биде доставена во наредните три месеци.
Со свечено постројување во ЦО „Пепелиште“ денес е официјално затворена вежбата „Македонски Блесок – 9“, после што единиците се враќаат во своите гарнизони.