Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, во придружба на Началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во текот на денешниот ден ги посети припадниците на Армијата ангажирани на јужната граница, во реонот на Гевгелија.
Претседателот Пендаровски на брифингот одржан во оперативниот центар во сместувачкиот капацитет на припадниците на Армијата, се запозна со актуелната безбедносна ситуација на овој дел од државната граница, обидите за нелегално поминување на државната граница во изминатиот период, како и за тактичките мерки и процедури кои ги спроведуваат армиските единици согласно доделените задачи во спречување на нелегални минувања.
Претходно, Претседателот Пендаровски го обиколи транзитниот центар за мигранти во Гевгелија, каде од одговорните субјекти се запозна со моменталната состојба во транзитниот центар и со ангажманот на меѓународната мисија „Фронтекс“.
Во изјавата за медиумите Врховниот командант, помеѓу другото, истакна дека нема никакви индикатори дека бројката на илегални мигранти и бегалци се зголемува, но има уверување дека сите структури кои се ангажирани на границата се подготвени, иако има зголемување на таа бројка, следејќи ја процедурата и соработката со меѓународната организација за миграции. Воедно изрази пофални зборови за припадниците на нашата Армија и се разбира и припадниците на МВР, кои се грижат за спречување на нелегални премини веќе четврта година, со редовни ротации, во различни временски услови, со цел граѓаните да бидат безбедни.
Мерките кои Армијата ги спроведува од почетокот на мигрантската криза во 2015 година, согласно доделените задачи од одлуката за зајакнато и непрекинато обезбедување на јужната и северната граница во испомош на МВР и граничната полиција, се гарант во зачувување на безбедноста на граѓаните на нашата држава особено со спречувањето на било какви обиди за нелегално влегување на територијата на нашата држава.