Во посета на баталјонот за почести во касарната „Илинден“ во Скопје, денес во работна посета престојуваа резидентните и нерезидентните одбранбени аташеи акредитирани во Република Северна Македонија. Посетата на баталјонот за почести претставува дел од редовните активности врз основа на Програмата за соработка на Министерството за одбрана со Асоцијацијата на одбранбени аташеи.
Во текот на посетата одбранбените аташеи преку кратки презентации беа запознаени со мисијата, основните задачи, структурата на баталјонот за почести и со претстојните активности на единицата. Присутните имаа можност да проследат сегменти од обуката и подготовките за реализација на протоколарни активности и почести на припадниците на единицата преку демонстрација на кратки вежби. Програмата на крајот беше заокружена со изведба на строевите работи и постапки со оружје во место и движење, познатиот гардиски Егзерцир и со изведба на нумери од страна на воениот оркестар.
Посетата на баталјонот за почести од страна на Асоцијацијата на одбранбени аташеи претставуваше одлична пригода за претставување на можностите на единицата во насока на идна соработка.