Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес оствари посета на Основното училиште „Андреја Савевски“ – Ќиќиш во Тетово, во кое самиот го има завршено основното образование.
Во рамки на оваа посета, генералот Ѓурчиновски посвети особено внимание на учениците во паралелката за деца со посебни образовни потреби и на најмалите ученици од прво одделение, каде разговараше со децата по што во име на сите припадници на Армијата во пресрет на новогодишните празници им подари пригодни пакетчиња.
По средбата, која остави особен впечаток кај учениците, началникот на генералштабот оствари состанок со директорката и наставничкиот колегиум, на која присуствуваше и директорот од периодот 1976-1984 година, кога генералот Ѓурчиновски го поминал основното образование.
Притоа, на состанокот на кој неизбежно се евоцираа спомени со наставниците од тој период, од страна на генералот беше истакнато значењето на образованието за правилно сфаќање на улогата, местото и значењето на Армијата за општеството и граѓаните, особено кај учениците од основно образование кое го има значајна улога за понатамошниот развој и определување на животната професија.