Висока Воена делегација на војската на Република Србија предводена од началникот на Генералштабот, генерал Милан Мојсиловиќ, во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата.
Генералот Мојсиловиќ, по приемот со високи воени почести оствари средба со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што следуваа официјални разговори со военото раководство во Генералштабот.
Придонесот на нашата Армија во операциите и мисиите на НАО, ЕУ и ОН во странство, можностите за користење на капацитетите на АП „Криволак“ за вежбовни активности, ангажирањето на Армијата во поддршка на МВР при справување со мигрантската криза беа теми на денешните официјални разговори во Генералштабот.
Покрај останатото стана збор за изведувањето на досегашната заедничка обука и можноста за користење на капацитетите кои ги имаме за обука пред се Армискиот Полигон „Криволак“ и Центарот за обука на пилоти но и другите Центри за обука со кои располагаат двете армии, како и учество на мултилатерални партнерски вежби.
Генералот Ѓурчиновски во излагањето истакна дека ќе продолжиме и понатаму со изнаоѓање на форми и облици за подобрување на билатералната соработка како императив за подобрување на севкупното безбедносно опкружување во регионот.
Од страна на генералот Мојсиловиќ беше искажана поддршка и почитување на нашата стратегиска определба за полноправното интегрирање во НАТО Алијансата со кое ќе се подобри и регионалната безбедносна состојба. Воедно покрај другото искажа спремност за споделување на искуства кои ги има Војската на Србија од учеството во мировните мисии под водство на ОН и ЕУ.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Војската на Република Србија во изминатиот период се одвива претежно на полето на воената едукација, учество на заеднички воени вежби и обука како што се „Платинест волк“ која се реализира секоја година во Србија под раководство на Вооружените сили на САД и вежбата „Балкански одговор“ и заедничко учество на медицински персонал во активностите на иницијативата Балкански Медицински Наменски Сили.
Со Војската на Република Србија учествуваме во заедничките регионални проекти: Иницијативите Б-9 (конференција на НГШ на балканските земји), А-5 (САД-Јадранската повелба) – каде Република Србија е земја набљудувач, СЕЕДМ (соработката од областа на одбраната на земјите од Југоисточна Европа) и иницијативата Балкански Медицински Наменски Сили во кои од јуни оваа година ќе го преземе командувањето.
Во текот на денешниот ден делегацијата од војската на Република Србија ќе го посети и ќе се запознае со можностите на Центарот за обука на пилоти.
Во рамки на дводневната официјална посета, делегацијата во текот на утрешниот ден ќе биде примена од Претседателот на Република Северна Македонија, врховен командант на Армијата Стево Пендаровски.