Во присуство на командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес се одржа завршниот дел од финалната конференција на групата за воена интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.
Со завршување на работата на работната група за интеграција, која се означи со обраќањата на генералите Лавињ и Ѓурчиновски, формално се овозможува попишување на заедничката декларација за интеграција која ќе се реализира во текот на утрешниот ден и со која и формално ќе се означи заокружување на процесот на воено интегрирање на Република Северна Македонија во командните структури, како и структурата на силите на НАТО.
На отворањето на финалната конференција во претпладневните часови свое обраќање имаа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин и полковник Франческо Пачиљо, кој е претседавач на работната група за интеграција од НАТО.
Процесот на воено пристапување и интеграција е започнат по потпишувањето на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, по што во мај 2019 година се одржа иницијална конференција за интеграција на која беа воспоставени целите и динамиката на интегративниот процес кој беше договорено да заврши до 31 октомври 2021 година.
Согласно динамиката за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО во изминатиот период се одржаа неколку конференции и координативни состаноци за интеграција, кои се одвиваа на ниво на работна група и на кои се разгледуваше достигнатото ниво на Министерството за одбрана и Армијата во процесот во функционалните области за воена интеграција: администрација, модернизација и опремување, структура на сили, едукација, обука, вежби и оценувања, логистика, контрола на воздушниот простор и комуникациски и информациски системи и кибер одбрана.
Завршувањето на процесот на воена интеграција во НАТО е доказ за посветеноста на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана во исполнување на дадените цели кои се одвиваат преку трансформациските процеси во Министерството за одбрана и Армијата.