Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес им оддаде признание и додели стимулативни мерки на припадниците од Баталјонот за специјални сили (бСС), кои со успешно завршеното оценување ги исполнија првично одредените цели на способност за специјалните сили, по нашиот прием во НАТО.
Генералот Ѓурчиновски обраќајќи се пред припадниците од Баталјонот за специјални сили, истакна дека постигнатиот резултат за време на НАТО оценувањето, кое се реализираше во Република Грција и од страна на НАТО оценувачи е достоен за почит, бидејќи тие се првиот состав кој по нашиот прием во НАТО ги исполнил стриктните критериуми кои се побаруваат во склоп на оценувањето.
Притоа тој им порача да продолжат со несмален интензитет да ги вложуваат своите знаења, со што ќе дадат свој придонес во севкупната борбена подготвеност на Армијата, но и со личен пример ќе ги поттикнат припадниците од останатите единици, кои исто така ги очекуваат првичните оценувања, согласно НАТО стандардите.
Воедно генералот Ѓурчиновски ја искористи приликата да изврши информирање за процесите во Армијата кои се преземаат во однос на подобрување на условите за живот и работа, како и да даде насоки за понатамошниот професионален ангажман на оваа елитна единица, од која и самиот ги има своите почетоци во кариерата.
Командантот на баталјонот за специјални сили, потполковник Оливер Зариовски истакна дека мотото на единицата „секогаш први“ се потврдува не само во фактот дека ова е првиот професионален состав, туку е секогаш во првите редови кое се докажува и сега како прв состав кој е оценет по стандардите на НАТО по нашето полноправно членство.
За време на денешната обиколка на припадниците од Баталјонот за специјални сили им се соопштија стимулативните мерки доделени од страна на Началникот на Генералштабот, за достигнатото ниво од оценувањето – „борбено подготвени“.
Припадниците од бСС со два борбени елементи за специјални операции, по успешно завршената прва фаза, која претходно се реализираше во Република Северна Македонија, во период од 29 ноември до 2 декември, учествуваа на оценувањето за специјални сили (SOFEVAL) кое се реализираше на НАТО вежба во Република Грција.
Истите беа оценети со оценка „борбено подготвени“, со што бСС исполни една од целите на способност на Армијата од доменот на специјалните сили, кои се одредени по нашиот прием во НАТО.