Денес, (24-ти декември) во Домот на АРМ во Скопје, се изврши презентација на новата службена униформа на АРМ, на која присуствуваа: Министерот за одбрана Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, клучниот персонал од МО и ГШ на АРМ, претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, пензионираните генерали на АРМ и претставници на медиумите.
На презентацијата беа прикажани моделите на зимската и летната службена униформа со ознаки за офицери и подофицери на АРМ, при што присутните имаа можност да се запознаат и со процесот на стандардизирање, избор и изработка на платно и дизајн за униформата.
Министерот Џафери изјави дека покрај комплетот кој го сочинува службената униформа за старешините на АРМ, во тек се консултации и за изработка на горниот дел од зимската службена униформа, кој нема да се состои од класичен мантил како што тоа беше досега, туку ќе биде креиран од страна на дизајнери. Тој истакна дека при изборот на бојата, квалитетот на платното и дизајнот на новата службена униформа, пресудна улога имало мислењето на припадниците на АРМ.
Генералот Котески искажувајќи го задоволството од огромниот интерес на медиумите за презентацијата на новата службена униформа на АРМ, истакна дека изработката и усвојувањето на новата службена униформа помина низ повеќе фази, каде се консултирани не само стручни соработници и дизајнери, туку и припадниците на АРМ од сите команди и единици.
Производството на новата службена униформа која ќе ја носат офицерите и подофицерите на АРМ, се очекува да се реализира во текот на 2014 година.