Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес учествуваше на 25-тата конференција на началници на Генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5) која се одржа во Будва, Црна Гора.
На годинешната конференција, чиј домаќин е началникот на Генералштабот на Војската на Црна Гора, бригаден генерал Зоран Лазаревиќ, заедно со врховниот командант на Сојузничките сили за Европа, генерал Кристофер Каволи и претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, учесниците дискутираа за безбедносните предизвици во регионот на Западен Балкан и развивање на заеднички капацитети на армиите од А5, со цел справување со истите.
Генералот Ѓурчиновски во своето обраќање ја истакнал посветеноста на Армијата на Република Северна Македонија во процесот за целосно имплементирање на поставените цели на достигнување на потребните способности и капацитети, согласно одбранбениот план.
Притоа се осврнал на значењето на унапредување на меѓусебните воени соработки во сите области, пред се преку споделување и здружување на капацитетите, заедничка обука и вежбовни активности со цел справување со зголемените безбедносни предизвици и подобрување на стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко.
По завршување на конференцијата, од страна на учесниците е потпишана заедничка изјава во која покрај изразената загриженост за ситуацијата предизвикана од руската инвазија на Украина, со која се крши меѓународното право и демократските принципи и вредности, е потврдена силната посветеност за понатамошно зајакнување на односите и воената соработка меѓу армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба.
Притоа е нагласено дека продлабочувањето на меѓусебната соработка, заедничките активности, меѓусебната интероперабилност и капацитетите за сајбер одбрана ќе овозможат ефикасно соочување со современите безбедносни предизвици и подобрување на регионалната безбедност.
Генералот Ѓурчиновски како дел од програмата оствари неколку билатерални средби со своите колеги меѓу кои и со генералот Кристофер Каволи.
На Конференцијата учествуваа началниците на Генералштабови на армиите на земјите членки на САД-Јадранската повелба (Северна Македонија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора), командантот на Европската команда на ВС на САД за Европа, воедно и врховен командант на сојузничките сили, претставници на националните гарди (НГ) од сојузните држави на САД кои се партнери на земјите од А5, како и претставници од ВС на Словенија, Србија и Косовските безбедносни сили во својство на набљудувачи.
САД-Јадранската повелба е започната во 2003 година, со потпишување на договор во која покрај САД како покровител, Република Северна Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Подоцна во текот на 2008 година, на иницијативата се приклучени и Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека Словенија, Србија и Косово имаат статус на земји набљудувачи.
Во текот на вчерашниот ден во склоп на конференцијата се одржа состанок на ниво на главни подофицери на армиите на земјите членки на А5.
Конференциите на началниците на Генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба се одржуваат еднаш годишно според ротирачки принцип.
Армијата на Република Северна Македонија ќе биде домаќин на следната 26-та конференција, која ќе се одржи во текот на 2023 година.