Како дел од планските активности за обука на потчинетите единици од здружената оперативна команда, на 24 и 25.06.2015 година на АП „Криволак“ воздухопловната бригада (вбр) реализира вежбовни активности со хеликоптери од типот Ми-8/17 и Ми-24 од составот на вбр.
Активноста гранатирање, ракетирање и бомбардирање (ГРБ) од хеликоптерите се состои од гаѓање на земјени цели со ненаведувани ракети од хеликоптерите Ми-24 и со спрегнат митралез со хеликоптер Ми-8/17 при што пилотите и останатиот персонал кој се наоѓа во воздухопловите преку комплексна процедура ја покажуваат својата обученост во неутрализирање цели на земја во секакви временски услови.
На гаѓањето сите цели беа погодени со што активноста доби оценка „постигнал стандард“. Успешните резултати се должат на добро подготвена и изведена претходна обука која се состои од теоретски дел и фиктивни ракетирања како и од искуствата и научените лекции од претходно изведените гаѓања.
Овој вид на вежбовни активности се дел од редовната обука на пилотите согласно планот за обука во единицата во кој преку изведување на постојана обука и тренинг пилотите од составот на вбр се оспособуваат за извршување на најкомплексни задачи кои произлегуваат од намената на единицата.