Денес, 07 Август 2015 година во касарната “Мирче Ацев“ во Прилеп, со воена церемонија се одбележаа четиринаесет години од загинувањето на десет припадници од резервниот состав на АРМ од гарнизон Прилеп во воениот конфликт во 2001 година.
Во чест на загинатите припадници пред спомен одбележјето во кругот на касарната свежо цвеќе положија делегација од гарнизон Прилеп, локалнтата самоуправа и советот на општина Прилеп, преставници од Министерството за одбана подрачна единица Прилеп, здружение на бранители како и семејствата на загинатите припадници.
Во продолжение на активноста присутните имаа можност да ја разгледаат и спомен собата лоцирана во кругот на касарната посветена на десетте припадници од резервниот состав на АРМ од гарнизон Прилеп.
На денешното чествување припадниците на АРМ и присутните уште еднаш им оддадоа почит на загинатите припадници за нивната храброст, несебичност и пожртвуваност во која за одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на нивната татковина Република Македонија несебично го положија и својот живот.
Во текот на утрешниот ден заедничка делегации од МО на РМ и ГШ на АРМ ќе им оддадат почест на загинатите припадници на АРМ на спомен плочата кај месноста „Карпалак“ и пред комплексот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.
За време на воениот конфликт во 2001 година на пат за Тетово кај месноста Карпалак животот го загубија припадниците на резервниот состав на АРМ: Нане Наумовски, Сашо Китановски, Бранко Секулоски, Веби Рушитоски, Горан Миноски, Дарко Вељаноски, Марко Деспотоски, Пецо Секулоски, Ердован Шабаноски и Љубе Грујоски.