Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес, оствари средба со делегацијата од Вооружените сили (ВС) на Република Турција предводена од бригаден генерал Рамазан Топер. Средбата е дел од програмата на активностите на делегацијата од ВС на Република Турција, поврзани со традиционалното одбележување на годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк.
Во рамки на средбата беше истакнато значењето на Мустафа Кемал Ататурк, кој дипломирал на Воената гимназија во Битола, што претставува значајна историска врска меѓу двете земји. Притоа беше нагласено дека Ататурк, како реформатор и основач на современа Турција, оставил длабок историски печат, а неговото време поминато во нашата држава е дел од заедничкото културно и историско наследство на двете пријателски земји.
На средбата беше потенцирана и извонредната соработка помеѓу двете земји, како и континуираната поддршка која ја имаме од страна на пријателска Турција, како наш стратешки партнер.