На градскиот плоштад во Кавадарци денес, 1 јуни 2025 година, со присуство на бројни граѓани кои покажаа интерес, се одржа Отворениот ден на Армијата на Република Северна Македонија, во рамките на меѓународната вежба „Immediate Response 25“ (IR 25).
На настанот, кој го посетија началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски заедно со одбранбеното аташе на САД, полковник Даниел Сквајерс, градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, како и други гости, граѓаните остварија непосредна средба со припадниците на Армијата и изразија задоволство од организацијата на настанот.
Во рамки на отворениот ден беа изложени опрема и вооружување на Армијата, како и од единиците на земјите учеснички на вежбата, вклучувајќи ги оклопните возила „JLTV“, инженериското возило „Husky“, роботот за откривање и деминирање на мини, АБХО опрема, пешадиско вооружување и останато.
Отворениот ден, меѓу другото, го покажува и сојузништвото меѓу нашата армија со армиите од НАТО и партнер земјите, како силна врска изградена врз принципите на заедничка одбрана, солидарност и заштита на мирот и безбедноста.
Меѓународната вежба „IR 25“, која се реализира на армискиот полигон „Криволак“, е дел од вежбата „Defender 25“ и вклучува повеќе од 2200 припадници на армиите на Република Северна Македонија, САД, Албанија, Грција, Италија, Црна Гора, Обединетото Кралство, Австрија и Косово.
Активностите за вежбата „Immediate Response 25“ (IR 25) продолжуваат и во текот на следните денови.