Согласно годишниот план за обука како и Упатството и програмите за гаѓање со пешадиско вооружување на питомците од Центарот за обука на питомци и офицери кои се на школување на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“ во составот на Командата за обука и доктрини, во изминатиов период на армискиот полигон „Криволак“ се реализираше Курсот за командири на водови со питомците од 3 и 4 наставна година од родот пешадија.
Целта на овој курс е питомците успешно да ги совладаат дадените задачи односно да се извежбаат во извршување на индивидуалните критични задачи при изведување на нападните борбени дејства во сигурно и брзо уништување на различните цели на боиштетo, самостојно и под команда, во состав на одделението и водот, а воедно да се обучат во комбинирање на оган и движење во текот на изведувањето на нападот.
Исто така питомците кои беа во улога на командири на тимови, оделенија и вод да се обучат, извежбаат и проверат во организирањето и изведувањето на нападот како и во умешноста при ракувањето и управувањето со огнените борбени средства од формацискиот состав.
Се запознаа со средствата со кој располага Армијата и практично ги покажаа стекнатите знаења во процесот на обуката. Завршниот дел од курсот го заокружија со успешна реализација на вежбата на која беше прикажано механизиран пешадиски вод во напад.
Со реализација на практичната настава питомците имаат можност во целост да ги надградат и утврдат веќе стекнатите теоретски знаења и да се стекнат со самодоверба и искуство за живот и работа во теренски услови неопходни за секој иден, современ и добро обучен офицер на Армијата.








