Началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски заедно со Министерката за одбрана Славјанка Петровска како дел од планираните посети на командите и единиците на Армијата, денеска извршија обиколка на активностите кои ги спроведува Командата за обука и доктрини (КОД ) во Касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес .
За време на посетата, командантот на КОД, полковник Васко Коколански, информираше за задачите и активностите кои се реализираат во КОД, Планот за развој на АП „Криволак“ 2023-2028, основната обука на професионалните војници и курсевите за подофицери, како и процесот на изработка на правила, упатства и доктрини.
Генералот Ѓурчиновски и министерката Петровска го обиколија Центарот за симулации каде се изведуваат симулирани компјутерски асистирани вежби до ниво на бригада, кој минатата година беше домаќин на компјутерски асистираната вежба„Seven stars“, изведена во соработка со Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG. На брифингот, Петровска беше запознаена за можностите кои ги нуди овој центар, кој може да се искористи и за симулирање на вежби за заштита на критичната инфраструктура.
При денешната посета се обиколија и припадниците на Армијата кои во моментов го посетуваат Курсот за први подофицери, како и дел од обуката на новопримените професионални војници кои ќе бидат во состав на родот пешадија, а кои во моментов извршуваат стручно-специјалистичка обука.
На крајот од обиколката се направи увид на реновираниот објект во велешката касарна, чија намена е сместување и изведување обука. Објектот е целосно реновиран согласно највисоките стандарди за ваков вид објекти.