Во рамки на планираната програма за реализација на работна посета на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, денес, директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски, оствари работна средба со новоназначеното нерезидентно одбранбено аташе на Европската Унија за Република Северна Македонија, полковник Алеш Минарик.
Директорот на Генералштабот на Армијата изрази голема благодарност за досегашната поддршка од страна на Европскиот мировен фонд (ЕМФ) за доделените средства наменети за опремување и модернизација на Армијата, во контекст на достигнување на зацртаните цели на способности, согласно ДПРОС 2023-2032 која несомнено ги зајакнува капацитетите на Армијата за учество во операциите и мисиите во рамки на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и другите меѓународни мисии.
Во текот на средбата, полковник Алеш Минарик имаше можност да се запознае со моментално достигнатиот статус на развојните планови, учеството на припадниците на Армијата на меѓународни вежби, како и со потенцијалните области и можности за идна соработка и поддршка од страна на Европската Унија во делот на зајакнување на капацитетите и способностите на Армијата.
Бригаден генерал Симеон Трајковски нагласи дека Република Северна Македонија продолжува со своето активно учество во промовирањето на мирот и безбедноста, преку нашето усогласување со заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ.
На крајот од средбата од двете страни беше потенцирана важноста за продолжување и продлабочување на досегашната соработка.
Во рамки на денешната посета, полковникот Алеш Минарик оствари посета на Инженерискиот баталјон во касарната Чојлија, каде беше презентирана опремата добиена од ЕМФ.