Армијата на Република Македонија отсекогаш имала добра меѓусебна соработка со научно образовните институции во Република Македонија која не ретко резултира со значајни и меѓународно признаени научни трудови.
Како резултат на една таква соработка со научните работници од Институтот за хемија на Природно математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ објавен е меѓународно признаен научен труд објавен на веб страни и списание со импакт фактор, кој ќе најде свој придонес во форензиката и расветлување на кривични дела.
Името на трудот е: „Едноставен хемиски метод за визуелизација на масни отпечатоци од прсти на неиспукани чаури со таложење на берлинско син пигмент“ од авторите, проф. д-р. Методија Најдоски, насловен вонреден проф. д-р. Слободан Оклевски и проф. д-р. Горан Стојковиќ.
Имено поддршката од страна на Министерството за Одбрана на Република Македонија и Армијата на Република Македонија на научните работници се состоеше во обезбедување на потребната муниција и локации за изведување на потребните научни експерименти со што се помогна во реализација на овој научен труд за што авторите изразија благодарност во рамките на публицираната верзија на овој научен труд.
Значајноста на ваквиот вид соработка е што резултатите ќе помогнат во разоткривање на извршени кривични дела, бидејќи најголем дел се разоткриваат благодарение на отпечатоците, кои се најчест материјален доказ.
Армијата на Република Македонија и понатаму останува отворена за ваков вид на цивилно воена соработка со научно образовните институции во Република Македонија.