Претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Домот на Армијата во Скопје, беше информирана за состојбата и реализацијата на плановите и задачите за тековната година кои влијаат на борбената готовност на Армијата.
На брифингот за борбената готовност на Армијата, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски пред претседателката Сиљановска, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, генералите во Армијата и претставниците од кабинетот на претседателката и министерот, ја презентираше состојбата во Армијата според функционалните области кои се дел од борбената готовност.
На годишниот брифинг пред воениот врв се презентираа реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2024 година, при што се опфатија областите: персонален менаџмент и морал, заштита на силите, операции во земјата и странство, обука и вежби, логистичка поддршка, воено планирање и структура на сили, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воена соработка.
Во своето излагање, генералот Лафчиски истакна дека Армијата во тековната година успешно ги реализираше сите предвидени задачи и борбената готовност е на потребното ниво. Подготвеноста на командите и единиците на Армијата се одликуваше со навремена реализација на активностите со планираната динамика во процесот на трансформацијата, со тежиште на спроведување на процесот на модернизација во однос на развој на капацитетите и НАТО целите на способности, изведување на обуката согласно НАТО стандардите и актуелните безбедносни предизвици.
Со учеството на припадниците на Армијата во операциите предводени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации, испраќаме јасна порака за силната посветеност во одржување на мирот и стабилноста.
Припадниците на Армијата во континуитет демонстрираат висок степен на обученост, посветеност и интероперативност со сојузничките и партнерските армии со учество на повеќе меѓународни вежби во земјата и во странство, меѓу кои и вежбата „Maple arch 24“ на која бевме домаќини.
На брифингот претседателката Сиљановска Давкова истакна дека припадниците на Армијата во континуитет ја докажуваат својата професионалност, дисциплина и подготвеност, успешно вршејќи ги своите задачи и гарантирајќи ја безбедноста, стабилноста и националната одбрана.
Претседателката ги реафирмираше нејзините заложби за продолжување на процесот на модернизација на Армијата и инвестиции во човечкиот капитал, потенцирајќи дека благодарение на посветеноста на македонските војници и офицери нашата држава беше и останува силен и доверлив партнер во регионалната и глобалната безбедност.
Во таа насока, таа го поздрави придонесот на македонската армија во колективната безбедност, преку активното учество во заедничките мисии и операции на НАТО, како и безрезервниот ангажман во справување и гасење на годинашните пожари во земјава.
Претседателката констатираше дека фактот што Армијата ужива највисока доверба и углед кај граѓаните, го потврдува нејзиниот кредибилитет и дигнитет во земјава и во странство.
На денешниот годишен брифинг министерот Мисајловски потенцираше дека и во следната година инвестирањето во одбранбените капацитети за потребите на Армијата, во персоналот, во нова современа опрема, во инфраструктура ќе продолжи со зголемен интензитет. Тој додаде дека со предвидениот Буџет за одбраната ќе се овозможи да се реализираат плановите за одбраната, а со тоа Армијата, која е еден од столбовите на државата, да биде секогаш подготвена да одговори на задачите и предизвиците. Мисајловски истакна дека безбедноста на граѓаните и на државата, како и придонесот во колективната безбедност, се од особена важност за континуиран просперитет на државата и дека од позиција на министер ќе го даде својот максимум за развој на македонската Армија.