Согласно Планот за работа на Генералштабот, денеска, пред началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски се реализираше годишното реферирање за статусот на борбената готовност на потчинетите команди и единици во тековната 2024 година.
На денешниот брифинг, командантите на потчинетите команди и единици пред началникот ги презентираа реализираните активности, степенот на опременоста во единиците и нивното влијание врз борбената готовност. Воедно го информираа и за состојбите во своите единици во однос на персоналниот менаџмент, заштита на силите, операциите, обуката и вежбите, логистичкото обезбедување, врските, комуникациите, буџетирањето и цивилно-воената соработка.
Притоа се претставени реализацијата на планираните задачи, постигнатите резултати во однос на достигнување на стандардите на НАТО, степенот на реализација на трансформацијата, како и ангажирањата во асистенција на институциите во кризна состојба, условите за живот и работа во гарнизоните.
На крајот од реферирањето, заедно со заклучоците за актуелната состојба, началникот на Генералштабот даде насоки за реализација на планираните активности во следната година.