Денес, 12 август, Техничко-ремонтниот центар од составот на Бригадата за логистичка поддршка го посетија министерот за одбрана на Република Македонија д-р Зоран Јолевски, началникот на Генералштабот на АРМ генерал – потполковник Горанчо Котески и командантот на Здружената оперативна команда генерал-мајор Методија Величковски.
Во рамките на посетата беше презентирана мисијата и задачите на овој центар, беа посетени одделите за прием и дијагностика на материјално технички средства (МТС), вулканизерската работилница, одделот за одржување на возила и одделот за машинска обработка, изработка, адаптација, преадаптација и модификација на МТС за потребите на АРМ.
Сите НАТО армии имаат вакви центри – изјави Министерот за одбрана нагласувајќи дека и во иднина ќе се инвестира како во обука на кадар, така и во опрема за одржување. Тој потенцираше дека е многу значајно, опремата што ја има АРМ да биде постојано во функција и ефикасно да може да се поправа.
Началникот на Генералштабот на АРМ изјави дека важноста од постоењето на овој центар е од огромно значење бидејќи ова е единствен ваков центар во армијата. Генералот меѓу другото наведе дека покрај развојот, обуката на кадар и снабдувањето со резервни делови, овој центар важно е да го следи техничко-технолошкиот развој, како во АРМ, така и во армиите на земјите членки на НАТО.
Техничко-ремонтниот центар од составот на Бригадата за логистичка поддршка функционира на ранг баталјон, а основна мисија му е одржување на материјални средства, зајакнување на капацитетите и одржување на муниција и минско експлозивни средства.