Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-потполковник Методија Величковски, од денес престојува во дводневна официјална посета на Армијата на Република Словенија.
Во текот на денешниот ден по приемот со воени почести во Генералштабот на Армијата на Р. Словенија, генералот Величковски оствари средба со НГШ на Армијата на Република Словенија, генерал-мајор Андреј Остерман.
На средбата помеѓу началниците на Генералштабови на двете Армии, беа опфатени повеќе прашања меѓу кои: мигрантската криза и безбедносните закани за земјите од југоисточна Европа, продолжување на билатералната армиска соработка преку изведување на заедничка обука и користење на капацитетите на АРМ (АП Криволак).
Генералот Величковски искажа благодарност за отворената и безрезервна поддршка од Р. Словенија во поглед на нашите аспирации за членство во НАТО, за заедничката обука која ја реализираат припадниците на двете армии, како и за овозможените школувања на офицери од АРМ на Воените образовни институции во Р. Словенија.
Од соговорниците се истакнати можностите за продлабочување на понатамошната соработка помеѓу Армиите на Република Македонија и Република Словенија, особено во актуелниот период на терористички закани и миграциската криза кои се актуелна закана за дестабилизирање на поширокиот регион.
Од страна на генерал-мајор Андреј Остерман, се искажани пофални зборови за улогата на АРМ во справувањето со миграциската криза, а воедно е искажана поддршка во промовирањето на кандидатурата за интегрирање на Македонија во НАТО алијансата.
Генералот Величковски во текот на денот ќе оствари средба и разговори и со членовите на комитетот за одбрана во Националниот парламент на Република Словенија.
За време на престојот во Р. Словенија генералот Величковски ќе биде примен и од министерката за одбрана на Р. Словенија г-ѓа Андреја Катич , а делегацијата ќе ја посети и воздухопловната единицата во Горња Радгона, каде ќе го проследат и саемот за одбрана, безбедност, заштита и спасување: „Собра 2016“.
Република Словенија е една од првите земји со која Р. Македонија има потпишано документ за соработка во полето на одбраната, и која на форумите и конференциите на НАТО континуирано дава отворена поддршка за членството на Р. Македонија во оваа евроатланска организација. Покрај тоа Армијата на Р. Словенија редовно учествува со свои претставници во канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија.