Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, се наоѓа во официјална посета на Вооружените сили на Кралството Норвешка, каде денеска во Генералштабот оствари средба со неговиот домаќин, Началникот на Генералштабот, адмирал Хакун Брун Хансен.
На средбата на генералот Ѓурчиновски со својот домаќин Адмирал Хенсен, се разговараше за меѓусебната воена соработка и можностите за проширување на истата, како што се иницијативата на балкански медицински наменски сили како дел од проектот паметна одбрана, НАТО мисиите, регионалниот центар за односи со јавност и други од взаемен интерес. Генералот Ѓурчиновски изрази благодарност на Кралството Норвешка за досегашната целосна поддршка и уверување дека соработката ќе се продлабочува и во формат како НАТО сојузници.
По средбата со адмирал Хансен, на работен состанок во Врховната команда, се дискутирани теми од интерес, во насока на планирање на нашиот ангажман во заеднички активности кои ќе произлегуваат по ратификација на нашето членство во НАТО. Притоа од страна на нашата делегација се презентирани моментални активности на Армијата и партиципацијата во командната структура и сили на Алијансата.
Генералот Ѓурчиновски во Министерството за одбрана оствари средба и со заменичката на министерот за одбрана, Тоне Скоген на која исто така е разговарано на теми од взаемен интерес и меѓусебната соработка.
Во текот на посетата делегацијата на Армијата, ја посети и Здружената Команда на Вооружените сили во Бодо, каде покрај средбата со командантот на Здружениот штаб, адмирал Свер Нордал Енгенест, ја посетија и Воздухопловната команда при што се запознаа со нејзината мисијата, задачи и обука.
Средбите на највисоко воено ниво ја потврдуваат многу добрата соработка на Армијата на Република Северна Македонија со ВС на Кралството Норвешка. Адмиралот Хансен во текот на август, минатата година, престојуваше во официјална посета на нашата земја.
Во досегашниот период соработката беше истакната со учеството на македонски медицински хируршки тим, во рамките на норвешката полска болница, од 2008 до 2012 година во Мејмана, Авганистан, како и во соработката во областа на воената обука и едукација.
Кралството Норвешка ја донираше лесната маневарска полска болница, која е во состав на нашата Армија, софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема, како и менторирање и финансиска поддршка на проектот „Лепеза“ и Регионалниот центар за односи со јавност.