Воена делегација на АРМ предводена од Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски оствари дводневна официјална посета на македонските мировници и на командата на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, ИР Авганистан.
Генералот Величковски во текот на посетата на Авганистан оствари официјална средба со командантот на мисијата „Одлучна поддршка“ генерал Џон Николсон, како и средби со одговорните старешини во командата на за обука советување и асистенција на главниот град (КОСАГГ).
На состанокот во Кабул посебен осврт се даде на учеството на македонскиот контингент во мисијата, при што од генерал Николсон е истакнат високиот професионализам на припадниците на АРМ, покажаните знаења и вештини при извршување на поставените задачи на позициите на кои се распоредени. Помеѓу останатото на средбата генералот Величковски се информира за актуелната безбедносна состојба во Авганистан, тековните и понатамошни планирани активности на мисијата „Одлучна поддршка“.
За време на престојот во Авганистан на 2ри Август, македонската воена делегација заедно со сите припадници на АРМ од оваа ротација кои се наоѓаат во мисијата „Одлучна Поддршка“ го прославија државниот празник Илинден што претставува своевидна поддршка на нашите мировници во нивниот придонес за градење на сликата за Република Македонија како активен контрибутор на мирот и безбедноста во глобални рамки.
Ова е прва посета на македонските мировници и на командата на НАТО предводената мисија „Одлучна поддршка“ од страна на највисокото воено раководство на АРМ од нејзиниот почеток во јануари 2015 година.
Македонскиот контингент го сочинуваат 39 припадници на АРМ кои ги извршуваат должностите во состав на КОСАГГ, силите за обезбедување на главната команда на мисијата „Одлучна Поддршка“ во Кабул и во командата за обука советување и асистенција север.
Во изминатиот период од 14 години, АРМ е дел од најголемата воена коaлиција во која учествува со над 2800 свои припадници, кои во крајно сложени услови, го прикажуваат придонесот на Република Македонија во изградбата на мирот, демократијата и безбедноста на Авганистан.
Легитимитетот, признанието и потврдата на сигурен, доверлив, обучен, но пред сè рамноправен партнер на НАТО, го стекнавме со демонстрација на висока посветеност кон извршување на поставените задачи. Научените лекции од учеството во ИСАФ, во голем обем наоѓаат широка примена и во сегашната мировна мисија „Одлучна Поддршка“.
Армијата на Република Македонија е горда со своите припадници, кои во овој период не се само чувари на суверенитетот на Република Македонија, туку во исто време се и нејзини амбасадори на мирот.