Делегација на Армијата на Република Македонија (АРМ) предводена од Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, денес оствари официјална посета на командата на КФОР во Приштина.
За време на посетата НГШ на АРМ оствари средба и разговори со командантот на КФОР, генерал-мајор Џовани Фунго која е прва нивна официјална средба по назначувањето на генерал Фунго за командант на КФОР во септември минатата година.
На планираната годишна средба во Приштина, се разговараше за безбедносната состојба во регионот со акцент на активностите кои ги изведува АРМ поврзани со справувањето со мигрантската криза, како и за заедничките активности на АРМ и силите на КФОР.
Генералот Величковки го истакна досегашното високо ниво на соработка на АРМ со КФОР во функција на унапредување на севкупната безбедносна состојба во регионот, но и за можностите на нејзино понатамошно проширување.
Досегашната соработка се огледа во поддршката која Република Македонија ја дава на КФОР во транзитирањето низ нашата земја, користењето на капацитетите на АРМ за медицинска евакуација во случај на потреба, но и дадената помош во инженериски машини на КФОР за време на поплавите во скопскиот регион изминатата година , а врз основа на искажаните потреби од страна на АРМ.
Состаноците врз на АРМ и КФОР се планираат и одржуваат секоја година преку меѓусебни посети на највисоките раководители на овие две армиски организации, и се од особено значење за регионалната безбедносна состојба.
Од јуни 2007 година во составот на Командата за логистичка поддршка на АРМ функционира координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, чија основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР.