Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, вчера и денес ги посети касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево и припадниците на полкот за специјални операции (пСО) кои изведуваат обука во зимски услови на терените во Маврово.
За време на посетата на гарнизонот Кичево, началникот на ГШ на АРМ изврши увид во борбената готовност на единиците во овој гарнизон, како и во нивната обученост и подготвеност за извршување на задачи, а беа согледани и капацитетите, функционалноста и условите за живот и работа во касарната во Кичево.
Генералот Котески констатираше дека единиците на АРМ во гарнизонот Кичево работат согласно пропишаните правила и прописи, при што се обезбедени нормални услови за работа на припадниците на АРМ. За време на престојот во гарнизонот Кичево, началникот на ГШ на АРМ го информираше клучниот персонал во гарнизонот, за актуелната состојба во АРМ, извршувањето на задачите и идните планови.
Припадниците на пСО кои изведуваат обука во зимски услови во реонот на Маврово, денес пред началникот на ГШ на АРМ демонстрираа висок степен на обученост, кои покрај обуката во алпско и нордиско скијање, изведуваа и различни борбени постапки со скии и специјални возила за движење на снег, како и изработка на објекти за живот и престој на планина во зимски услови.
Генералот Котески истакна дека припадниците на пСО уште еднаш ја потврдија нивната врвна обученост и способност за извршување на задачи во сложени временски и теренски услови, заради што ГШ на АРМ ќе продолжи со напорите за обезбедување на услови за несметано изведување на обуката на единиците, како еден од врвните приоритети на АРМ.
Во оваа прилика, НГШ на АРМ издаде насоки за понатамошно подобрување на обуката во зимски услови, но и во сложени временски и теренски услови предизвикани од временски непогоди, кои ќе ги применуваат сите единици на АРМ.