Командантот на НАТО корпусот за брзо распоредување во Грција, генерал-потполковник Атанасаиос Гаринис, придружуван од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска престојуваше во работна посета на АП „Криволак“.
Работната посета е со цел разгледување на можностите за продлабочување на воспоставената соработка со НАТО корпусот за брзо распоредување во Грција, преку користење на капацитетите кои ги нуди армискиот полигон „Криволак“ за изведување на обука и вежби.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да изврши обиколка и да се запознае со карактеристиките на капацитетите на АП „Криволак“. Воедно беше реализиран брифинг на кој се презентираа можностите на полигонот за изведување на разновидна обука и комплексни вежбовни операции, како и сместувачките капацитети кои досега се потврдени во повеќе наврати при изведување на меѓународни вежбовни активности со нашите сојузници и партнери. На брифингот пред делегацијата, исто така се презентираа и идните планови за развој на капацитетите на овој национален ресурс.