Командантот на Националната гарда на сојузната држава на САД, Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, во рамки на неговата неколкудневна официјална посета на Република Северна Македонија, денес во Генералштабот на Армијата оствари средба со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
На состанокот генералите Ѓурчиновски и Најт, разговараа за активностите во текот на досегашната триесетгодишна партнерска програма со Националната гарда на Вермонт преку која остваривме голем број активности со заедничко учество во мировни операции, голем број заеднички вежби, обука и едукација на припадниците на двете армии.
Притоа, од двајцата соговорници беше потврдена заложбата за нејзино понатамошно интензивирање, кои се и заложбите содржани во документот со кој се продолжува и продлабочува тридецениската соработка, а кој се потпиша за време на престојот на генералот Ѓурчиновски на САД во јуни годинава.
За време на работниот состанок, кој следуваше после средбата на генералите, пред делегацијата од Вермонт беа презентирани актуелната состојба со процесот на трансформација на Армијата, учеството на Армијата во мировните операции, обука и вежби како и капацитетите на АП „Криволак“.
Во рамки на денешната посета на Министерството за одбрана и Генералштабот се реализираше и состанок со министерката за одбрана, Славјанка Петровска по што следуваше и изјава за медиумите.
Генералот Најт истакна дека во рамки на 30-годишното партнерство беа изградени долготрајни пријателства и дека овие три децении се само почеток на соработката.
Во текот на неговата посета, генералот Најт во среда ќе присуствува на конференцијата на НГШ на земјите од иницијативата А5, ќе оствари средби со раководители на други институции со кои соработува НГ на Вермонт, а на 28 септември ќе присуствува на церемонијата по повод триесетгодишното партнерство, која ќе се одржи во Министерството за одбрана.
Претходно, делегацијата од Вермонт реализираше посета на Кампот за обука на вода во Охрид, а во следните денови ќе ги посети и инженерискиот баталјон и четата за АБХО стационирани во касарната Чојлија, Командата за операции и 1.пешадиска бригада.