Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денес (29 април 2015 година) во Будимпешта беше пречекан со високи воени почести од Началникот на ГШ на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, генерал Тибор Бенко. Високата делегација предводена од НГШ на АРМ која од вчера престојува во официјална посета на ВС на Унгарија, изутринава во центарот на Будимпешта положи венец со свежо цвеќе на споменикот на незнајниот војник.
На средбата во Генералштабот на ВС на Унгарија, покрај унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии, се разговараше за можностите за воено образование и обука на припадниците на АРМ во Унгарските ВС и безбедносната состојба во регионот. Генералот Котески искажа благодарност до Унгарија и ВС на Унгарија, за безрезервната поддршка која Република Македонија и АРМ ја добиваат во напорите за полноправно членство во НАТО. Тој истакна дека посетата на ВС на Унгарија, претставува силен импулс во јакнењето на соработката помеѓу двете армии, но и за размена на искуствата во многу области, каде АРМ ги има достигнато НАТО стандардите.
Искажувајќи го задоволството од развојот на соработката со АРМ, генералот Бенко искажа подготвеност за понатамошна поддршка на реформите во АРМ, како и проширување на соработката во делот на обуката на припадници на АРМ во центрите за обука на ВС на Унгарија.
За време на престојот во Будимпешта, генералот Котески се сретна и со Министерот за одбрана на Унгарија д-р Чаба Хенде, кој уште еднаш ја потврди поддршката која Република Македонија на патот кон евроатланските интеграции ја добива од Унгарија.
Во текот на утрешниот ден, НГШ на АРМ ќе го посети оперативниот центар и центарот за контрола на воздушниот простор на ВС на Унгарија во Веспрем.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Унгарија официјално е воспотавена во октомври 2002 година, со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу министерствата за одбрана. Во изминативе години, соработката на АРМ со ВС на Унгарија се одвива на полето на јазичната обука, експертски разговори и едукација во различни области, како и реализација на заеднички вежби од военото воздухопловство.