Претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев, министерот за одбрана Зоран Јолевски и Началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, денес во касарната „Илинден“ остварија посета на припадниците на полкот за Специјални Операции и баталјонот на Воена Полиција при што проследија дел од активностите на припадниците на овие единици.
Присутните ги проследија двете работни точки кои беа реализирани. Баталјонот на воена полиција е реализираше темата „Обезбедување на високи воени раководители и справување со толпа“ додека припадниците на Ренџерскиот баталјон од составот на полкот за Специјални Операции ја реализираа темата „Поставување и работа на мобилна контролна точка“.
Претходно, во помен на 15-годишнината од загинувањето на припадниците на Армијата на Република Македонија кај месноста Вејце делегациите од Владата на Република Македонија, министерството за одбрана на Република Македонија и Генералштабот на АРМ положија венци со свежо цвеќе пред спомен обележјето на загинатите припадници.
Во текот на денешниот ден делегации од полкот за специјални операции, семејствата на загинатите и од МВР положија свежо цвеќе на спомен обележјата во касарната „Илинден“, Драчево, Македонска Каменица, Бунарџик и Куманово.